Гостувањата кај Белгија во октомври и кај Велс на крајот во ноември ќе бидат клучни за македонската репрезентација на патот до Светското првенство кое се игра следната година. Секако, под услов да не киксираме дома и да ги добиеме мечевите со Лихтенштајн и Казахстан, на кои ќе бидеме во улога на големи фаворити.
Македонија е лидер во групата Ј од квалификациите за СП со 8 бода од четири меча, Велс има 7 бода од четири меча, а Белгија има 4 бода, но од два одиграни натпревари.
По драматичната победа на Белгија над Велс од 4-3, Македонија остана прва и со оптимизам ќе влеземе во есенските дуели. Во септември е средбата со Лихтенштајн дома, по што следуваат клучни дуели во октомври со Белгија на гости и Казахстан дома. Победи на овие три меча ќе значат сигурно освојување на првото место во групата и пласман на Мундијалот.
Евентуално реми на гости кај Белгија исто така би ја сменило ситуацијата, па Македонија, а и Велс, кој прво во септември има гостување кај Казахстан, би имале многу пореални шанси.
Симулациите на Football meets data покажуваат дека Белгија има 80 проценти да заврши прва, на Велс, кој допрва треба да игра дома со Белгија и Македонија, му се даваат скромни 14 отсто, а на Македонија 7 проценти, што е повеќе отколку по минатото коло.
Нам ни се даваат 34 отсто шанси да бидеме втори, 57 проценти да завршиме трети, само 2 проценти за четврто место, а последни сигурно нема да бидеме. Проценката е дека може да имаме 14 или 15 бода на крајот. Би имале 14 ако ги добиеме двата меча дома, а загубиме на двете гостувања. Барем со 15 бода, второто место ќе ни биде реалност.