Ливерпул лесно и убедливо со 4:1 го победи Норич во меч со кој стартуваше новото првенство во Премиер лигата. Овој натпревар ќе биде запамтен како прв на кој се користеше ВАР технологија во англиското првенство. Иако и минатата сезона имаше тестирања на ВАР системот во куп мечевите во Англија, од синоќа и официјално тој е дел од шампионатот.
Покрај петте голови кои беа постигнати, на „Енфилд Роуд“ ќе се памти и тоа дека уште во дебитантскиот „настап“ ВАР технологијата потфрли. Второто полувреме доцнеше неколку минути и тоа затоа што главниот судија Мајкл Оливер се пожалил дека нема добра комуникација со колегите во ВАР собата, односно дека ВАР системот едноставно не функционира.
Во еден момент, дури и капитенот на Ливерпул Џордан Хендерсон морал да се увери дека комуникација едноставно не постои. За да продолжи мечот, судиите решиле да се послужат со мобилни телефони. Комуникацијата со ВАР собата била преку мобилни. За среќа на судијата Оливер, во второто полувреме немаше ниту една спрна ситуација и немаше потреба да има комуникација со колегите во ВАР собата.