Победнички старт на Ливерпул во Премиерлигата, Пуки ги развесели и навивачите на Норич

Ливерпул одигра одличен премиерен меч во Премиерлигата и со победа од 4:1 против Норич ја почна новата сезона. Мала сенка на триумфот фрли повредата на голманот Алисон Бекер, кој беше заменет во 39. минута.

Капитенот на Норич Грант Хенли ја погоди својата мрежа во седмата минута и ја отвори сезоната во англиското првенство, по вторпат со автогол во 28. издание на Премиерлигата. Пред него само Кајл Вокер бил прв стрелец на шампионатот, но во своја мрежа.

Мо Салах беше прецизен во 19. минута, а Вирџил Ван Дајк погоди 9 минути подоцна за убедливи 3:0. Шанси имаше и Норич, но не успеаја да погодат во првиот дел. Потоа се повреди Бекер и тоа при дегажман на топката и беше заменет со Адријан.

Дивок Ориги стави точка на ефикасното прво полувреме на европскиот првак со погодок во 42. минута. Норич, кој се врати во Премиерлигата по пауза од три сезони ја искористи шансата во 64. минута, а по голот на Тему Пуки, грмна делот од трибините на „Енфилд Роуд“ каде беа гостинските навивачи.

Мечот ќе го памети и Онел Ернандес, кој е првиот Кубанец со настап во Премиерлигата. Влезе во игра во 70. минута, а Куба е 114. земја што имала барем еден фудбалер кој играл во елитната англиска лига.

- Оглас -

Најнови вести