Во англиската Премиер лига денеска во центарот на вниманието беше голот кој го постигна Челзи на гостувањето кај Кардиф. Гостите израмнија во 86-татат минута, а подоцна постигнаа и втор погодок, па наместо пораз од 1-0, се радуваа на триумф од 2-1.
Сепак, победата на Челзи не е „чиста“ бидејќи судиите не забележаа дека погодокот на Аспиликуета во 86-тата минута бил постигнат од офсајд. Иако многумина реагираа дека има недозволена позиција, арбитрите го признаа голот. По мечот, тренерот на Кардиф, Ворнок, саркастично, со аплауз ги испрати судиите од теренот.
Во Англија не е воведен ВАР-системот, па арбитрите немаат можност да гледаат повторена снимка. По серијата грешки кои се направени во последно време, јасно е дека и во Премиер лигата е потребен ВАР-систем. Додека во Англија се случуваат вакви грешки, во кинескиот фудбал е воведен ВАР-системот, но интересен е начинот на којшто е забележано како судиите во ВАР-собата користат обичен лист хартија со кој мерат дали имало офсајд позиција или не.