Вардар го победи актуелниот европски вицепрвак Алборг со 30:28 во третото коло од Лигата на шампионите. Со оваа победа Вардар се искачи на првото место во групата. Искусниот голман Борко Ристовски е јунак на мечот со 16 одбрани, а одлични беа и сите коишто истрчаа на теренот во црвено-црниот дрес. Вардарци едноставно потсетија на блескавите моменти од времето кога ја освојуваа европската титула.
Покрај голманот Ристовски, во офанзивата најдобри беа Дибиров, Жереми Тоту и Оливие Њокас, кои постигнаа по шест гола. Вардар по три кола има две победи и едно реми, без пораз.
На почетокот на мечот, Вардар водеше со 4:3, а потоа гостите со серија од 5:0 стигнаа до предност од 8:4. Највисоката предност од четири гола, Алборг ја имаше и кон средината на првиот дел, кога беше 11:7.
Тогаш на голот на Вардар застана искусниот Борко Ристовски, кој имаше неколку добри одбрани. Тоа беше доволно за серија од 3:0 на Вардар и намалување на само еден гол негатива 10:11. Вардар израмни на 13:13, а пред крајот и поведе со 16:15, па на паузата се замина со нерешен резултат 16:16.
Вардар добро го започна второто полувреме и поведе со 18:16, што беше најава за црвено-црно шоу во „Јане Сандански“. Во текот на целото второ полувреме Вардар имаше предност, најчесто меѓу два и три гола разлика. Ристовски блескаше на голот, бранеше пенали, бранеше зицери и со добра игра во одбраната, Вардар во 53-тата минута стигна до највисоката предност од четири гола (28:24). До овој период од играта, Ристовски имаше 14 одбрани.
Вардар водеше и со 29:25 во 55-тата минута, но потоа следуваа три лесни голови за данскиот првак за 29:28, а потоа гостите имаа и напад за нерешено, но Ристовски повторно одбрани за останување на водството од еден гол на една минута до крајот.
Во клучиот напад на Вардар, Оливие Њокас даде гол за 30:28 и ги сруши сите надежи на европскиот вицепрвак, а на крајот Борко имаше уште една одбрана за точка на блескавиот меч.