Ниту еден од денешните натпревари во Првата македонска фудбалска лига кои досега завршија, не заврши нерешено, секаде имаше победници и тоа со минимални резултати.
Брера во Струмица со два гола во првото полувреме му нанесе пораз на првакот Струга, а еден од головите го даде Рибаудо, кој е прв Италијанец со гол во нашата прва лига.
Гостивар во Речица беше домаќин на Брегалница, а победникот го одлучи некогашниот играч на Динамо Загреб, Нигериецот Ијаји Атимвен, со феноменален погодок.
Марушиќ и Јашароски донесоа вреди три бода за Воска спорт на гостувањето кај Вардар. Најтрофејниот македонски клуб остана закован на дното со три бода помалку од претпоследната Брегалница, а четири помалку од Македонија Ѓорче Петров која има и меч помалку.
Резултати: Брера Струмица – Струга Трим Лум 2-1, Гостивар – Брегалница 1-0, Вардар – Воска спорт 1-2.
Мечот Шкендија – Тиквеш почна подоцна, поради проблем на кавадарчани со автобусот со кој патувале во Тетово. Таму на десетина минути до крајот, резултатот е 1-0 за тетовци кои со евентуална победа би се израмниле по број на бодови со првопласираниот Шкупи.