Вардар го освои трофејот во Купот, Пелистер останува да сонува и по 20 години

Ракометарите на Вардар се освојувачи на Купот на Македонија, откако во финалето во салата „Билјанини извори“ во Охрид го победија вечниот ривал Пелистер со 31:27. За Вардар ова е рекорден 17-ти трофеј во Купот на Македонија, додека битолчани веќе 20 години мечтаат за пехарот во ова натпреварување.

Од самиот почеток на мечот, Вардар покажа дека е подготвен да слави во финалето. Црвено-црните започнаа силно и поведоа со 7:2 во 10 минута. Следуваше тајм-аут за Пелистер, а потоа имаше и две исклучувања на Вардар, по едно за Борозан и Кориха, па тоа го искористи Пелистер и со низа од 3:0 намалија на 7:6 во 13 минута.

Потоа имаше една мешаница во која учествуваа неколку ракометари од двете страни, но за среќа немаше поголема нервоза.

Вардар поведе со 10:7 во 17 минута, а потоа имаше и 14:10 во 25 минута. По првите 30 минути предноста на Црвено-црните беше 17:14. Во првите 30 минути Вардар имаше вкупно осум минути исклучувања, додека битолчани имаа само едно исклучување од две минути.

Вардар тргна сигурно и во второто полувреме, па во 37 минута имаа предност од 21:16. Како и во првиот дел, тренерот на Пелистер Алонсо мораше да бара тајмаут. Битолчани заиграа подобро по таа мини пауза и намали на 22:19 во 40 минута, no брзо вратија и скопјани за 24:19 во 43 минута.

Во овој период голманот на Вардар Еспина имаше четири одбрани.

Во последните 10 минути Вардар влезе задржувајќи ја предноста од пет гола (27:22). Пелистер немаше веќе што да калкулира и во нападот тргнаа со „седум на шест“. Од 28:23 за Вардар, Пелистер постифна два гола за 28:25, а во последните пет минути се влезе со предност на Вардар од 29:25 и искусен тим како што е Црвено-црната чета не пропушти таква предност, за на крајот да се радуваат на трофејот.

- Оглас -

Најнови вести