Вардар и 24-ти пат по ред го победи Охрид за прво место во Супер лигата

Ракометарите на Вардар и 24-ти пат по ред успеаја да победат против амбициозниот состав на Охрид во плеј-офот на Супер лигата. Скопските „црвено-црни“ попладнево во „Јане Сандански“ славеа со 28-24 и така го презедоа врвот на табелата најмалку до недела кога се дербито помеѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид.

Домашните уште од стартот на мечот најавија дека бодовите ќе останат во Скопје, па отворија со убедливи 5-1, предност која ја зголемија и на +5 кон средината на првиот дел, 10-5. До крајот на првиот дел Охрид успеа да се врати резултатски и на паузата да замине со негатива од само 13-12.

Вардар клучната предност ја направи на стартот од вториот дел, кога со серија од четири гола се одлепи на 18-14, но гостите повторно резултатски се вратија на 18-18. Сепак, во продолжение Вардар со две мини серии дојде до +5, предност која успеваше да ја сочува до крајот.

На табелата води Вардар со осум бода, пред Еурофарм Пелистер со седум и Алкалоид со четири. Охирд е четврти со три поени, пред Тиквеш со еден и Бутел без бодови.

- Оглас -

Најнови вести