Ракометниот клуб Вардар и официјално побара од Ракометната федерација на Македонија одложување на вечното ракометно дерби против Еурофарм Пелистер поради вироза од која се заразени 15-тина членови на клубот. Дуелот во Битола е планирано да се одигра во недела, со почеток во 18 часот.
Во продолжение комплетното соопштение на РК Вардар.
„Поради новонастанатата здравствена ситуација во клубот, РК Вардар испрати допис и информација до Натпреварувачката комисија на Ракометната федерација на Македонија и до РК Пелистер. Би сакале да Ве известиме дека во моментов, заклучно со денешниот последен тренинг на екипата, имаме 15-тина играчи и членови на Стручниот штаб кои се зафатени од тешка вироза и не се во можност ниту да тренираат, ниту да играат натпревар. Поради ова, би сакале да најдеме заедничко решение за оваа состојба која го зафати клубот, а се во интерес на регуларноста на Првенството, ферплејот и спортското џентлменство. За поткрепа на сето ова што го говориме, во текот на утрешниот ден ќе испратиме и медицински извештаи со коишто се потврдува горенаведеното. Во овој момент, би сакале да побараме Официјално одложување на натпреварот од осмото коло Супер-лига мажи помеѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 сè до пронаоѓање следен датум којшто ќе им одговара на двете екипи.“
Од РК Вардар и пред дуелот против Голден Арт во понеделникот информираа дека 10-тина членови на клубот имаат здравствени проблеми, но оваа бројка сега е зголемена.