Редовното 32-ро коло од второлигашката конкуренција ќе се одигра денес на терените низ Македонија. Најголемо внимание привлекува дуелот на вечните ривали Вардар и Пелистер кои вторпат ќе играат како второлигаши. Дуелот ќе се одигра на стадионот Борис Трајковски во скопската населба Маџари со почеток во 17 часот. Првиот дуел од есенскиот дел од сезоната помеѓу овие две екипи кој се одигра во Битола заврши без победник, 2-2.
Од МВР забранија присуство на гостински навивачи на денешниот натпревар, по што се огласија од навивачката група “Комити“ со покана “Чкембари“ да дојдат во Скопје, за што навивачите на Вардар им гарантираат дека безбедно ќе влезат на стадионот и ќе го проследат натпреварот.
За екипите на Вардар и Пелистер ова ќе биде вкупно 74-ти натпревар во независна Македонија во првенството и купот. Скопските “црвено-црни“ се далеку поуспешни со 38 победи во меѓусебните натпревари, додека Пелистер има само 15 победи над вечниот ривал. 20 натпревари завршиле без победник. И гол разликата е на страната на Вардар, кој во меѓусебните пресметки има постигнато 114 голови, наспроти 66 на фудбалерите на Пелистер.
Пелистер има само четири победи на гостувањата во Скопје против Вардар, последната остварена во сезоната 2017/18 и 7 нерешени исходи, на сите останати натпревари победил Вардар.
Највисоката победа во меѓусебните натпревари ја има Вардар кога го совладал Пелистер со 7-0 во сезоната 1995/96 во Скопје.
За потсетување, овие две екипи беа дел од првото финале на Купот на Македонија после независноста. Во сезоната 1992/93 на Градскиот стадион во Скопје, Вардар го освои трофејот со минимална победа од 1-0 над Пелистер со погодокот на Жанко Савов.