Шкендија и Вардар со победите над фаворизираните ФЦСБ, односно Лозана, донесоа значајни бодови за клупскиот рејтинг на Македонија, па сега се само на 90 минути од пласман во следната рунда, што за тетовци ќе значи најмалку и влез во групната фаза од Конференциската лига, додека за скопските „црвено-црни“ пласман во третото коло и дуел против Астана или Зимбру.
Македонија во моментов е на 51-вата позиција на рангирањето на УЕФА, со заостанување само од 0,2 поени од Луксембург, кој е 50-ти. Целта е оваа сезона да се дојде најмалку до 50-тото место, кое обезбедува четири екипи во европските купови, а според калкулациите, за секоја победа се добива по еден бод, кој потоа се дели на бројот на екипи кои играат во Европа, што би значело дека за секој тримф се добива по 0,25 бодови, односно по 0,125 за нерешено.
Сепак, и Луксембург, но и Белорусија зад која немаме големо заостанување, сè уште имаат активни екипи, а тоа би значело дека до крајот на оваа сезона потребна ни е барем една победа повеќе од нивните екипи.
Борбата што ја водат Шкендија и Вардар е за летото 2027 година, но следното лето јасно е дека Македонија ќе има само три екипи во европските купови, а тоа ќе биде шампионот во Лигата на шампионите, како и второпласираниот од првенството и освојувачот на Купот, кои ќе играат во Конференциската лига.
Ова стана јасно на крајот од минатата сезона, која беше квалификациона за сезоната 2026/27, а ние завршивме на 51-вата позиција и така го изгубивме четвртиот претставник во Европа.