Фудбалскиот клуб Вардар осум години чека победа на гостински терен во некој официјален меч од европските купови. Историјата покажува дека Вардар секогаш кога победил како гостин, излегувал како победник во тие нокаут-мечеви.
Вардарци неодамна на гостувањето во Сан Марино кај Ла Фиорита имаа шанса да го прекинат постот, но одиграа само 2-2, резултат кој ги однесе во следната рунда и таму играат со Лозана. Црвено-црните на првиот меч во Скопје победија со 2-1, па вечерва и реми им е доволно за да одат понатаму, не мора да бркаат победа, иако добро би било да ја остварат, тоа носи рејтинг поени и пари.
Вардар досега славел на гости кај Самтредија, Горица, ЦСКА Москва, Етникос и Фенербахче. Триумфот во Истанбул во летото 2017 со кој Вардар влезе во групите од Лигата на Европа уште е во сеќавањата на фановите.
Најтрофејниот македонски клуб првпат гостува во Швајцарија, сефтето нека биде со победа, иако би било изненадување. Но, синоќа Шкендија во Букурешт даде пример дека не победуваат секогаш фаворитите, а и Вардар нема што да се плаши или да ја преценува Лозана, која падна пред една недела во Скопје.