Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Вардар, информираше дека спогодбено е раскинат договорот со спортскиот директор Игор Ивановски.
„По четиринаесет месеци повеќе од успешна соработка, ФК Вардар АД и спортскиот директор на клубот Игор Ивановски спогодбено се разделија. Клубот му благодари на сработеното и му посакува успешна следна епизода во животот“, велат од ФК Вардар.
Ивановски вкупно 14 месеци беше на позицијата спортски директор. Функцијата ја презеде во период кога Вардар во првенството беше на позиција која носеше опасност да се испадне од Прва лига, но со добрите резултати во втората половина од првенството, Црвено-црните стигнаа до петтото место.
Вардар по пауза од 18 години го освои и Купот на Македонија и се избори за излез во Европа. Во конференциската лига Вардар го помина првото квалификациско коло, а потоа беше елиминиран од швајцарската Лозана. На домашна сцена Вардар нема пораз половина година, но во последното коло на домашен терен киксира против Брера и одигра 2:2.
Наскоро ќе биде познато и името на наследникот на Ивановски на фукнцијата спортски директор на најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија.

