Вардар ќе прави трофејна соба во „Расадник“: „Станете дел од историјата, секој дрес носи своја приказна“

Ракометниот клуб Вардар наскоро ќе се пресели во реновираната сала „Расадник“ во скопска Кисела Вода, сала која беше сведок на успесите на Црвено-црните минатиот век, пред да се преселат најпрво во „Кале“, а потоа и во „Јане Сандански“.

Раководството на актуелниот лидер во Супер лигата и двократен европски шампион ќе прави трофејна сала во „Расадник“, па ги повика навивачите да учествуваат во креирањето, но и во зачувувањето на историјата на клубот.

„Со оваа иницијатива сакаме да ги собереме и да ги зачуваме оригиналните дресови со кои Вардар настапувал низ годините. Дел од нив веќе се наоѓаат во сопственост на клубот, но нашата желба е да ја комплетираме колекцијата и да обезбедиме што повеќе оригинални и добро сочувани дресови од различни периоди.

Секој дрес носи своја приказна. Тој е дел од некој натпревар, победа, генерација и емоција што го граделе Вардар како клуб. Затоа сакаме сите тие моменти да ги обединиме на едно место и да ги зачуваме за идните генерации.

Ги повикуваме сите навивачи и симпатизери кои поседуваат вакви дресови, а се во добра состојба и со позната сезона од која потекнуваат, доколку сакаат да ги донираат, да нè контактираат. Секој дрес ќе биде прегледан од клубот и ќе биде прифатен доколку недостасува во колекцијата или е во подобра состојба од постоечкиот.

Како благодарност, клубот ќе обезбеди:
– нов дрес или комплет
– сезонски билет
– VIP пристап во салата
– средба со тимот
– организирана тура низ салата и средба со ракометарите.

Ова е можност секој навивач да стане дел од историјата на Вардар и да остави свој белег во клубот“, се вели во повикот од РК Вардар.

- Оглас -

Најнови вести