Најтрофејниот македонски клуб Вардар го пречекува лидерот на табелата во Првата лига, тимот на Работнички, во скопското дерби од 11.коло во домашниот шампионат. Според формата и досегашните резултати, Романтичарите се фаворити, но во дерби пресметките никогаш ништо не се знае однапред.
„Знаеме дека нѐ очекува еден дерби натпревар. Вардар е квалитетен тим, имаме максимален респект кон нив, иако на многу натпревари знаеја лесно да ги загубат бодовите. Но, свесни сме дека воопшто нема да биде лесно. Работевме напорно оваа недела, се подготвувавме и се надеваме дека ќе се радуваме и на утрешниот натпревар“, изјави офанзивниот играч за врска на Работнички, Кристоџеј Далеј.
Во Тетово исто така има дерби дуел, Шкендија е домаќин на актуелниот шампион Струга Трим Лум. Според квотите, кои произлегуваат и од формата на тимовите, Шкендија е сериозен фаворит за освојување на трите бода.
Гостивар на стадионот „Борис Трајковски“ ја пречекува Брера, а Воска Спорт во Охрид е домаќин на Пелистер.
Шкупи пред своите гледачи ќе игра против тимот на Тиквеш.
Со ова 11-то коло завршува првиот круг од првенството во Првата фудбалска лига. Денешните натпревари се играат од 13 часот.