Вардар одигра очајно второ полувреме против Веспрем и поради тоа загуби со 29:27, во дербито од Лигата на шампиони. Несфатливо е како „црвено-црните“ успеаа да загубат, ако се знае дека на полувремето имаше предност од 16:11. По овој кикс, Вардар го загуби второто место на табелата. Веспрем има 16 бодови, а Вардар е трет со 15 бодови.
Речиси и никој во салата „Јане Сандански“ не очекуваше дека може да се случи пораз на Вардар, ако се знае дека во првиот дел имаше предност и од шест гола, но вторите 30 минути гостите ги добија со 18:11.
Првите 15-тина минути од мечот беа израмнети. Ниту една од екипите немаше предност од повеќе од еден гол. Беше 8:8, кога Вардар со серија од 4:0 стигна до 12:8. До крајот на полувремето Вардар имаше и предност од шест гола (15:9) и 16:10, а на полувремето сепак замина со пет гола предност (16:11).
Второто полувреме започна очајно за вардарци. Гостите со серија од 6:1 стигнаа до 17:17 во 38 минута и најавија дека нема да се предадат и ќе биде неизвесно до самиот крај. По ова реми, „црвено-црните“ за кратко време влегоа во ритам и со серија 4:1 стигнаа до 21:18, но гостите и тука не се предадоа и во 51 минута повторно стигнаа до нерешено (22:22).
Во 54 минута, Веспрем за прв пат по речиси 50 минути игра, стигнаа до предност 24:23, а потоа и со 25:24. Во 55 минута, Дибиров имаше шанса од пенал да израмни, но промаши. Потоа Ненадеиќ погоди за 26:24 и прв пат предност од два гола за Веспрем, на помалку од четири минути до крајот на средбата и беше јасно дека ќе има пресврт.
Милосавлјев заврши со 13 одбрани (10 му беа во првото полувреме), Дисингер остана на 5 гола кои ги даде во првиот дел, а по четири гола дадоа Криштопанс, Стоилов и Скубе, а три пати погоди Чупиќ. Лекаи со седум гола беше најефикасен кај Веспрем.
Во останатите два меча во групата А од Лигата на шампиони: Мешков Брест – Рајн Некар 27:24, Киелце – Монпелје 27:28.
Табела по некомплетно 12. коло: Барселона 18 бодови (меч помалку), Веспем 16, Вардар 15, Киелце 14, Рајн Некар 12, Монпелје 7, Мешков Брест 7, Кристијанштад 5 (меч помалку).