Со одигрувањето на натпреварот помеѓу Работнички и Арсими, и официјално заврши вториот круг од Првата фудбалска лига на Македонија. Третиот круг ќе се игра според пласманот на екипите по 22-рото коло, па во првото коло екипите кои се на првите шест позиции ќе ги пречекаат оние од седмото до 12-тото место.
Вардар го отвора третиот круг со домашен дуел против Брера, додека Шкендија ќе го пречека Арсими. На останатите натпревари од првото коло играат: Струга – Македонија ЃП, Силекс – Пелистер, Башкими – Работнички и Тиквеш – Шкупи.
Дерби-дуелот помеѓу Вардар и Шкендија ќе се игра во последното коло, а првото место на табелата за скопските „црвено-црни“ значи дека ќе бидат домаќини против најголемиот ривал за титулата.
Вечното дерби помеѓу Пелистер и Вардар ќе се игра во 26-тото коло и тоа во Битола, додека лидерот на табелата најголемиот гостински предизвик ќе го има во претпоследното коло, кога ќе гостува кај Струга.


