Вардар сака со победа да ги заврши натпреварите во Лигата на шампионите за 2018 година, а противникот е добро познат, во „Јане Сандански“, во сабота од 17.30 часот ќе гостува полски Кjелце.
Триумф му ја носи на нашиот првак втората позиција, пред да продолжи на мечевите во ЛШ идната година во февруари.
„Ова ни е последен меч за оваа година бидејќи следува пауза до февруари. Кјелце е многу добар тим, играат многу брзо и имаат добра одбрана. Нашата цел е да победиме и да стигнеме до второто место во групата. Не смееме да имаме осцилации во играта, како што имавме на претходните мечеви“, вели тренерот на Вардар, Парондо.
Оптимист, како и секогаш, е и Стојанче Стоилов, еден од најискусните во таборот на Вардар.
„Ова е директен дуел за второто место во групата. Тежок ривал, но играме дома и добро се подготвуваме. Многу сакаме да победиме, посебно против Кјелце и да бидеме на второто место за крај на 2018 година. Наше е да излеземе на терен и да дадеме сè од себе да ги победиме Полјаците“, додаде капитенот Стоилов.
Моментно лидер во групата А е Барселона со 16 бодови и Каталонците сигурно ќе бидат лидери до паузата и продолжението на натпреварите во февруари, а Кјелце е на втората позиција со 12, но Вардар може да го прескокне ако победи во сабота. „Црвено-црните“ во тој случај ќе бидат втори, зад Барса со 13 бодови.