Најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, Вардар, откако се врати во Првата лига, се соочува со бура на стартот од сезоната и заминување на клучни луѓе во клубот.
Спортскиот директор Александар Бајевски денеска преку социјалните мрежи објави дека си заминува од управата, а неколку часа подоцна тренерот Бобан Грнчаров „му се заблагодари на Вардар“.
„Фала мој Вардаре“, напиша Грнчаров.
Тој нема да ја води екипата на неделниот натпревар против Воска.
Неколку часа претходно, Бајевски со подолга емотивна објава на социјалните мрежи потврди дека повеќе нема да биде спортски директор на Вардар, функција која ја извршуваше во најтешките моменти на Црвено-црните.
„Сакам да ја известам целата спортска јавност и армијата Вардарови навивачи дека од денес повеќе нема да ја извршувам функцијата спортски директор на Вардар. Благодарен сум на најголемиот спортски бренд во државата што ми даде шанса и доверба да го водам спортскиот дел на клубот изминативе две години. Чест ми е што бев тука кога беше најтешко. Чест ми е што бев дел од црвено-црното семејство кое со натчовечки напори успеа во „невозможната цел”, да се врати таму каде што припаѓа.
Се заблагодарувам на сите играчи, тренери и вработени во клубот со кои соработував. Никој никогаш нема да може да ја избрише нашата посветеност и приврзаност, преку која заеднички поминувавме преку сите препреки кои ги имавме. Порака за навивачите е да продолжат да бидат со и покрај клубот во добро и лошо. Вардар е еден и единствен! Од денес продолжувам да бидам најголем навивач на клубот во кој го поминав најголемиот дел од мојот живот. До следна прилика, во некои подобри времиња…
НАПРЕД ВАРДАР ВО СРЦЕ ТЕ НОСАМ“, напиша Бајевски.