Ракометарите на Вардар славеа на гостувањето кај Рајн-Некар Левен со 30:27, а оваа победа на Вардарци е многу значајна бидејќи е над директниот ривал за второто место во групата од Лигата на шампионите.
Николај Јакобсен по титулата како селектор на Данска, им се врати на клупските обврски, но немаше успех како со националниот тим. Вардар на гостувањата кај РНЛ се чувствува пријатно, има одлична традиција и само еден пораз на гостувањата во „САП арената“ во Манхајм. Повеќе од 100 Македонци го бодреа Вардар, кој по оваа голема победа, се зацврсти на второто место во групата, зад Барселона.
Вардар доминираше во првото полувреме, го диктираше резултатот, беше во постојана предност, најмногу со 16-9, но во финишот домашните за пет минути постигнаа три гола по ред, па на голем одмор се замина со 16-12 за „црвено-црните“.
И второто полувреме Вардарци го почнаа добро, поведоа со 18-12, а потоа честа слика беше двата тима да прават мини-серии од по два гола, па разликата варираше од четири до шест гола, а во последните десет минути се влезе со 27-20. Домашните направија серија од 4-1, но немаа ниту сили, ниту време за пресврт, па екипата на тренерот Роберто Парондо со кренати раце и глави си заминува од Германија.
Најдобри поединци во македонскиот тим беа Дибиров со 7 и Стоилов и Карачиќ со по 6 гола, додека Криштопанс даде 4, а голманот Милосављев имаше 10 одбрани. Кај Рајн-Некар, се истакнаа Шмид со 9 и Колбахер со 8 гола, а Абутовиќ (екс член на Вардар) и Талески (македонски репрезентативец) не постигнаа погодок.