Вардарци го пречекуваат омилениот противник

Првиот домашен натпревар на Вардар сезонава во Лигата на шампионите во ракомет, е денеска од 17.30 часот против шведски Кристијаштад, ривал од кој македонскиот првак не знае за пораз.

Досега овие два тима се среќавале шест пати, и Вардар има шест победи, од кои најубедлива беше онаа од минатата сезона, на 2 декември 2017 година, кога во „Јане Сандански“, конечниот резултат беше 31:15.

Реновираниот состав на Вардар, предводен од новиот тренер Роберто Гарсија Парондо, одлично стартуваше сезонава во ЛШ, со победа од 27:24 на гостувањето кај европскиот првак Монпелје, па дуелот со Кристијанштад треба да биде потврда на големата победа од првото коло.

„Овој меч е многу важен за нас. Првпат сезонава ќе играме пред нашата публика, фокусирани сме, и очекувам во сите 60 минути да одиграме константно добро. Ако успееме во тоа, ќе може да дојдеме до нови бодови. Борозан го чувавме на мечот од СЕХА лигата, и тој денеска ќе биде во составот“ – изјави Парондо.

Швеѓаните во првото коло беа поразени со 30:32 против Мешков Брест. Вардар има уште една убава традиција против Кристијанштад. Дома секогаш дава повеќе од 30 гола.

Поединечните билети се продаваат по цена од 350 денари за местата на трибините, и 400 денари за А блоковите.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести