Македонскиот првак Вардар дојде до првата победа од групата А во овосезонската Лига на шампиони откако во „Јане Сандански“ го победи Мешков Брест со 35:27. Практично, во текот на целиот натпревар вардарци имаа резултатска контрола и му одржаа лекција на тимот од Белорусија како се игра ракомет.
Домашните фанови исто така ја исполнија својата задача и дадоа навистина голема поддршка, што, секако, беше голема помош за Црвено-црните.
Само еднаш беше израмнет овој натпревар (1:1), и тоа во втората минута, а практично оттогаш тргнаа домаќините да прават недостижна предност, која на полувремето беше плус шест (19:13).
Во вториот дел дојде до мала криза, пред сè, благодарение на судиите од Австрија кои со неколку сомнителни одлуки го навлекоа гневот на навивачите и на тренерот Веселин Вујовиќ, но не ги исфрли домаќините од колосек.
До крајот на средбата, предноста без проблем беше одржувана, па и зголемена на конечни 35:27, а најефикасен ракометар на теренот беше Кевин Њокас со осум погодоци, додека на голот Мартин Томовски повторно блесна, овојпат со 10 интервенции.
Со оваа победа, Вардар дојде до три бода во групата А и се наоѓа на делба на четвртото место. Следниот меч во ЛШ нашиот претставник го игра за седм дена, и тоа повторно во „Јане Сандански“, каде што противник сега ќе биде Алборг.