Васоски: Иако се бориме за опстанок, Вардар каде и да гостува, таму е празник на фудбалот

Тренерот на Вардар, Александар Васоски побара судиите кои ќе бидат делегирани на дуелите на Црвено-црните да судат рамноправно, а не како што било на последниот меч против Гостивар.

„Против Гостивар претрпевме незгоден пораз. Имавме проблеми со повреди, Мицевски и Брдаровски се нашите најдобри играчи кои не можеа да стартуваат. Интернационалецот од Андора, Алаверда, за жал, има сериозни проблеми и најверојатно ќе ја заврши кариерата. Мора да се напомене катастрофалното судење на Стојанче Стојанов, кој не знам зошто, но имаше многу тенденција во одлуките. Го помнам уште од пред неколку сезони и оној дуел против Шкендија. Од сега натаму сите неправди од арбитрите ќе бидат јавно коментирани. Не сакаме ништо повеќе освен реално 50-50 судење кога игра Вардар“, вели Васоски.

Шефот на стручниот штаб вели дека секој нареден меч на Вардар е како финале бидејќи секој освоен бод е многу значаен во борбата за опстанок. Иако Вардар е последен на табелата, каде и да гостува најтрофејниот, тоа е празник за фудбалот.

„Ни следува дуелот во Штип, се знае што значи тоа. Празник на фудбалот е секаде каде што гостува Вардар. И противникот е во лоша резултатска серија, па тоа значи дека ќе биде вистинска битка за бодови. Се надевам дека од понеделник ќе стартуваме со тренинзи во Хиподром и полека работите да се средуваат и на тој начин. Ние веќе ги ‘наместивме главите’ дека следува битка за опстанок и тоа е реалноста, барем до декември“, додаде Васоски.

- Оглас -

Најнови вести