Есенскиот дел од сезоната Силекс го заврши на четвртото место со 31 бод од 16 натпревари и со биланс од 10 победи, едно реми и пет порази. Кратовскиот тим минатата сезона заврши на вицешампионската позиција, а оваа приоритет ќе биде излез во Европа.
Шефот на стручниот штаб, Александар Васоски, во целина е задоволен од пролетниот дел, иако жали за бодовите од два натпревари – против АП Брера, кога од 1-3, на крајот мечот заврши нерешено, и домашниот пораз од Арсими.
„Имаме еднаков број бодови како лани, кога бевме есенски прваци, но Вардар и Струга ТЛ освоија повеќе бодови оваа сезона и мораше да се задоволиме со тоа четврто место. Можеше и подобро, жал ми е за мечот со АП Брера, каде што водевме со 1-3 и на крајот мораше да се задоволиме со бод, и со Арсими на домашен терен, кога бевме поразени во ненормални услови за игра. Поразите од сите три водечки екипи не беа со некоја доминантна игра на противниците, туку од наше неисксутво“, рече Васоски.
Тој кажа дека мечот од првото коло против АП Брера и против Работнички во последната етапа биле најдобрите изданија на Силекс во есенскиот дел.
„Тие два натпревари би ги издвоил. Со АП Брера кога победивме 5-0 во првото коло и во последното против Работнички, кога остваривме триумф од 3-0. Исто така сум задоволен од играта на мечот со Шкендија во Тетово. Иако загубивме, сепак имавме многу шанси, добра игра и само благодарение на широкиот ростер на противникот и на неискуството на нашиот тим резултатот на крајот не беше во наша корист“, додаде Васоски.
Шефот на стручниот штаб на кратовскиот прволигаш ги истакна и амбициите за пролетниот дел, како и планот околу играчкиот кадар.
„Прехрабро и преоптимистички е да кажам дека ќе бидеме прваци. Нашата цел е излез во Европа. Имаме уште шест меча со првите три екипи, а Купот потсвесно го посакуваме, каде што патот може да биде полесен до пехар и до Европа. Ќе играме наша игра и напролет, Силекс игра офанзивен фудбал, и кога губиме и кога водиме создаваме шанси, играме добар фудбал, нашите мечеви никогаш не се здодевни, настапуваме дисциплинирано и онака како што го бара европскиот фудбал. Што се однесува до играчкиот кадар, тимот ќе биде освежен со неколку нови имиња. Драстични промени ќе има само доколку некои од играчите бидат продадени на некои од заинтересираните клубови од странство. Има интерес за одредени фудбалери, но не знам дали сега би било паметно да ги пуштиме или да размислуваме за трансфери на крајот од сезоната. Ќе видиме деновиве, ќе имаме состанок со раководството и заеднички ќе одлучиме што е најдобро за тимот“, заклучи Васоски.

