Македонската фудбалска репрезентација со победи над Грузија и Бугарија ќе се најде во четвртиот шешир при ждрепката за квалификациите за ЕП 2024.
Ако не го освоиме максимумот, или барем четири бодови од овие два меча, може да се случи да бидеме во петтиот шешир, што ќе значи дополнително отежната работа во тој циклус за Европското првенство кое по две години ќе се одржи во Германија.
Познато е дека казнетата Русија нема да учествува во квалификациите, а Белорусија и Украина, Азрбејџан и Ерменија, Шпанија против Гибралтар, како и Косово со Србија или БиХ нема да може да бидат во иста група. И домаќинот Германија нема да игра квалификации.
Македонија е во една поголема група селекции кои може да бидат во четвртиот или петтиот шешир. Кој каде ќе се најде, ќе се знае по одигрувањето на последните две кола од Лигата на нациите. Затоа, не е сеедно што ќе направиме во Тбилиси в петок и потоа со Бугарија во Скопје.
Во четвртиот шешир сигурно се Грузија, Грција, Казахстан и Турција, а во петтиот се Естонија, Летонија и Малта. Битка за четвртиот и избегнување на петтиот ќе водат Македонија, Азербејџан, Белорусија, Бугарија, Кипар, Фарски Острови, Гибралтар, Косово, Литванија, Луксембург, Северна Ирска и Словачка.