Вечните ривали рутински до финале во Купот на Македонија

Вардар и Пелистер се финалисти на ракометниот Куп на Македонија на завршниот турнир кој се одржува во Охрид. Своето финале најпрво го обезбеди Еурофарм Пелистер откако забележа рутинска победа против Пролет 62 во полуфиналето со 28-21.

Во второто полуфинале, Вардар му се реваншира на Алкалоид за поразот во првенството и забележа победа од 31-22. Вардар отпорот на противникот го скрши уште во првото полувреме кое го доби со 14-9. Клучниот период се случи кон средината на првиот дел, кога Вардар со серија од шест гола дојде до предност од 11-5, предност што ја сочува до крајот на мечот.

Најефикасен на мечот беше Дејан Манасков со 12 гола. Гоце Георгиевски од Вардар и Мартин Серафимов постигнаа по 6 погодоци. Одлични беа и голманите, Томовски 17 пати беше успешен, додека Трајковски забележа 12 одбрани.

Ова за Вардар и Пелистер ќе биде осмо меѓусебно финале во Купот на Македонија. Во меѓусебните дуели Вардар освоил 5 трофеи, додека Пелистер 2. Вардарци се и најтрофејни во ова натпреварување со 15 трофеи.

- Оглас -

Најнови вести