Петтото коло од кошаркарската Супер лига започна со две домашни и една гостинска победа. Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, славеше со 73-60 над Куманово пред својата публика.
Екипата од скопски Аеродром се уште нема пораз на паркетот оваа сезона, но по поразот од Ангели со службен резултат, во моментов е четвртата позиција на табелата позади Куманово, Пелистер и ТФТ.
Убедлива победа забележаа и кошаркарите на Работнички, кои во „Кале“ славеа со 75-50 против Гостивар. Екипата од „Градски парк“ успеа да ги добие сите четири четвртини, а победата ја најави уште во првото полувреме, кое го доби со убедливи 41-30.
Кожув дојде и до третата првенствена победа, откако во драматична завршница успеа да слави над Чаир на гости со 80-84. За чаирчани ова беше и петтиот пораз на исто толку натпревари оваа сезона.
Колото продолжува утре со натпреварите Ангели – Пелистер, Маџари – Тиквеш и Феникс – ТФТ.

