Екипата на Еурофарм Пелистер не го прифати барањето на Вардар за одложување на вечното ракометно дерби кое треба да се одигра во недела, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола со почеток во 18 часот. Во образложението на битолчани стои дека одложување може да има само ако клубот испрати писмено барање и притоа двата клуба постигнат взаемен договор за такво нешто.
За потсетување, Вардар бараше одложување поради здравствени причини и вироза со која се заразени 15-тина ракометари и членови на стручниот штаб.
„Со особена загриженост ја примивме веста за вироза во таборот на нашиот следен противник во групата Б на Суперлигата, Вардар 1961 од Скопје. Изразуваме желби и надеж за што поскоро оздравување и вистинска спортска борба на најдобрите тимови на Еурофарм Пелистер и Вардар 1861 в недела попладне во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Според членот 13, став 5 од пропозициите за натпревари во Суперлигата, постојат услови за одигрување на натпреварот Еурофарм Пелистер – Вардар 1961 и ние, како и секогаш, максимално ќе се придржуваме кон пропозициите. Веруваме дека противникот ќе се екипира во потребниот рок, ќе пристигне во Битола и ќе го пречекаме и угостиме како и секогаш – коректно, спортски и во духот на ферплејот. Спортски поздрав, РК Еурофарм Пелистер“, се вели во соопштението на Еурофарм Пелистер.