Новак Ѓоковиќ има јасна слика и неговиот настап на Отвореното првенство на Австралија во Мелбурн на почетокот на идната година зависи исклучиво од Владата на оваа земја.
Денеска со соопштение челниците на Австралискиот тениски сојуз објавија дека нема да се мешаат во случајот и дека нема да лобираат за Ѓоковиќ и да побараат тој да игра на првиот гренслем во сезоната.
„Нема да лобираме кај нашата влада за случајот со Ѓоковиќ. Тие мора да ја разрешат целата ситуација и недоразбирањето, а ние ќе мора да ги почитуваме нивните одлуки. Разговаравме со Новак и тој знае дека сакаме да го видиме на Отвореното првенство на Австралија и ја прифати ситуацијата“, изјави Крег Тили, првиот човек на Австралискиот тениски сојуз и директор на Отвореното првенство на Австралија.
Ова дополнително ја отежнува ситуацијата за Новак, кој има забрана за влез во Австралија до 2025 година по голготата што ја мина на почетокот на оваа година.
Тогаш пристигна на аеродромот во Мелбурн со специјална дозвола, но визата му беше поништена и тогаш почна досега невидена процедура во светот на спортот што ја мина еден од најдобрите тенисери на сите времиња.
Беше задржан на аеродромот, па префрлен во хотел за емигранти со ужасни услови.
Следуваше поништување на првичната одлука на австралиската влада, па привремено му беше вратена и визата со одлука на австралискиот суд, па дури Новак почна и да тренира.
Повторно се случи пресврт со дискрециско право на Бирото за имиграција на Австралија, па конечната одлука беше депортација на Ѓоковиќ од Мелбурн и дополнителна казна со забрана за влез во земјата до 2025 година.
Моментно во Австралија нема никакви специјални мерки за невакцинирани луѓе каков што е случајот со Новак, но забраната до 2025 година е сè уште важечка и ако не биде укината, тој пак нема да игра на Отвореното првенство на Австралија.