Реал Мадрид речиси сигурно ќе го задржи Сантијаго Солари да биде тренер на европскиот гигант до крајот на сезоната. Солари засега ја извршува функцијата привремен тренер на Кралскиот клуб, откако беше назначен на местото на сменетиот Хулен Лопетеги.
Во изминативе две недели постојано се шпекулираше за тоа кој ќе биде наследникот на Лопетеги, но фактот дека Солари во трите меча како предводник забележа три победи, и тоа со одлична гол-разлика од 11 дадени и ниту еден примен гол, ги натера дури и светските обложувалници да го намалат коефициентот за тоа дека Солари ќе ја добие целосната доверба.
Солари е првиот тренер на Реал кој во последниве 60 години стартувал со три победи без да прими ниту еден, што е уште еден факт повеќе за претседателот на Реал, Флорентино Перес, да му даде доверба и да остане на „Сантијаго Бернабеу“. Пред да ја добие работата во сениорскиот тим, Солари го предводеше тимот Б на Реал Мадрид.