Актуелниот тренер на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, во својот договор со германскиот тим има специјална клаузула доколку пристигне понуда од Реал Мадрид, објавија германските медиуми.
Клаузулата во случај на вратата на Баер да тропнат претставници на Реал Мадрид изнесува меѓу 15 и 18 милиони евра, а за сите останати екипи не постои никаква клаузула и тие би морале да преговараат со челниците на германскиот тим.
Според медиумите, токму специјалната клаузула во договорот кој Алонсо го потпиша летово е уште еден доказ дека Шпанецот ќе биде наследник на Карло Анчелоти, кој на крајот од сезоната ќе ја напушти клупата на Реал Мадрид.
Чаби Алонсо прави чуда со Баер Леверкузен, тој седна на клупата во октомври минатата година, кога Фармацевтите беа претпоследни на табелата, а на крајот го освои шестото место и играше во полуфиналето во Лигата на Европа.
Оваа сезона Баер Леверкузен игра фантастично и по 11 кола во Бундеслигата, има учинок од десет победи и едно реми со Баерн Минхен и е лидер на табелата со 31 освоен бод.
Чаби Алонсо како играч го носеше дресот на Реал Мадрид од 2009 до 2014 година, а сега е на добар пат и да седне на клупата на Кралевите.