Билетите за неколку спортови, меѓу кои мечување, спортско качување и скејтборд, кои веќе се продаваа една недела во пакети од најмалку три билети за Летните олимписки игри во Париз 2024 година, се распродадени, објави организаторот.
Среќните добитници што ги купија билетите беа извлечени меѓу трите милиони учесници во извлекувањето за првата фаза од продажбата.
Спортовите за кои се распродадени билетите за претстојните ЛОИ во Париз се мечување, спортско качување, Бе-Ем-Икс слободен стил, Бе-Ем-Икс трки, скејтбординг, триатлон и брејкденс.
Продажбата на влезниците започна на 15 февруари, а среќните фанови мораа да купат пакет од најмалку три до најмногу 30 билети, а цената на еден билет изнесуваше 24 евра.
Организаторот објави дека во првата фаза од продажбата, најголем интерес има за атлетика, одбојка на песок и фудбал, но за овие спортови билетите ќе се пуштат во продажба во неколку фази.
Следната, втора фаза од продажбата на билети започнува на 15 март и ќе бидат пуштени седум милиони билети. Третата фаза е планирано да започне на 15 мај.
Организаторот соопшти дека вкупно ќе бидат пуштени во продажба 13,5 милиони билети – 10 милиони за Олимписките игри и уште 3,5 милиони за Параолимписките игри.
Планираниот приход од продажбата се очекува да изнесува 1,4 милијарда евра, или речиси една третина од буџетот на организација на ЛОИ во Париз 2024, кој изнесува 4,4 милијарди евра.