Вељко Пауновиќ официјално стана селектор на фудбалската репрезентација на Србија, потврди Танјуг.
Според овој извор, Пауновиќ во Домот на фудбалот во Стара Пазова потпишал договор со челниците на Фудбалскиот сојуз на Србија до 2030 година и ќе има пошироки овластувања во врска со сите српски репрезентативни селекции.
Тоа значи дека Пауновиќ ќе ја предводи Србија во циклусите за Европското првенство 2028 година и Светското првенство 2030 година, како и во сите кампањи од Лигата на нациите во тој период.
Краткорочно, тој ја презеде Србија и се обиде да „ги изгаси последиците“ по заминувањето на Драган Стојковиќ по дебаклот од Албанија во Лесковац, кој ја чинеше Србија пласманот во баражот за следното Светско првенство.
Пауновиќ ја водеше Србија на два натпревара во ноември, пораз од Англија на „Вембли“ (2-0) и победа над Летонија во Лесковац (2-1). Овие резултати не беа доволни за да ги исправат претходните киксови, па Србија нема да биде дел од Светското првенство.
Пауновиќ е 12-ти селектор во историјата на Србија.

