Македонија може да жали за испуштената победа над Унгарија, но може и да се радува за освоениот бод, кој најверојатно го пренесуваме во вториот круг. Нѐ делеа 15-тина секунди од голема победа, но момците покажаа квалитет и оставија срце на терен.
Мартин Велковски жали за испуштената победа, но како што вели, Македонија одигра за прерано починатиот Александар Јовиќ.
„На почеток би сакал да изразам сочувство до семејството на Јовиќ. Сите бевме во шок и потресен. Голем дел од оваа репрезентација мина низ неговата школа, во одреден дел го имавме за тренер, јас имав можност да соработувам со него и неодамна, во тимот на Еурофарм Пелистер. Шокот беше огромен, но дадовме се од себе за да останеме фокусирани. Знаевме дека на трибините ќе има голем број на Македонци, игравме за нив и за Јовиќ. Што се однесува до самиот натпревар, секако дека жалиме што не победивме, но ако некој пред мечот ни понудеше реми со Унгарија, сигурно ќе го прифатевме. Покажавме голема борба, можеби пред крајот во таа борба загубивме глава, но сметам дека целосната слика е крајно позитивна. Пред нас е Холандија, мое мислење е дека оваа селекција повеќе ќе ни одговара како стил на игра, пред се бидејќи немаат така физички корпулентни пивоти како што тоа беше случај со Унгарија. Точно е, играат побрзо и тоа би можело да биде проблем, но верувам дека ние ќе подготвиме максимално за она што следи.“ – рече Мартин Велковски.
Македонија следниот натпревар на Светското првенство во Вараждин го игра во петок со почеток во 18 часот, а противник ни е Холандија.