Шпанската фудбалска федерација денеска даде зелено светло за одигрување на натпреварот од 17-тото коло во Ла Лига меѓу Виљареал и Барселона на американско тло, поточно во Мајами, на 20 декември.
Ова ќе биде првиот меч од шпанското првенство што ќе се игра во САД, откако Ла Лига официјално ја поднесе иницијативата. За целосна потврда, останува уште дозволата од УЕФА и ФИФА, но не се очекуваат пречки од нивна страна.
„На состанокот од 11 август, Бордот на директори одобри дуелот меѓу Виљареал и Барселона да се одигра во САД,“ се вели во официјалното соопштение на федерацијата.
Натпреварот ќе се одигра на „Хард Рок“ стадионот во Мајами, под арбитража на шпански судии, и ќе биде регуларен меч од Ла Лига. Домаќин формално ќе биде Виљареал, иако ќе ја пречека Барса на друг континент.