Вилјареал ја спаси честа на остатокот на Европа во однос на Англија

Манчестер јунајтед и Вилјареал ќе играат во финалето од Лигата на Европа откако вечерва успешно ги одработија реванш-дуелите против Рома, односно Арсенал. Двомечот меѓу Манчестер и Рома беше за сите фудбалски мераклии, па по 6:2 во првиот меч на „Олд Трафорд“, вечерва имаше нова голеада на „Олимпико“, а на крајот средбата заврши со 3:2 за Рома. На крајот Манчестер е во финале со вкупни 8:5.

Рома знаеше дека нема што да загуби и дека мора офанзивно да тргне, па Римската волчица на крајот имаше дури 21 удар кон противничкиот гол, од кои 13 беа во рамките на голот, но дадоа само три погодоци. Манчестер беше многу поефективен.

Гостите од Англија поведоа со погодокот на Кавани во 39-тата минута, но стартот на вториот дел беше во знакот на Волчицата. Рома даде два брзи гола, а имаше уште две неверојатни шанси кои не ги искористија за 4:1. Кога пропуштија да поведат со три разлика и да го направат финишот неизвесен, Манчестер јунајтед со уште еден гол на Кавани израмни на 2:2. Во финишот на дуелот, тинејџерот Никола Залевски погоди за 3:2 за Рома.

Додека во Рим беше возбудливо и полно со голови, во Лондон, Арсенал и Вилјареал одиграа без ниту еден погодок. На крајот, шпанскиот тим се радуваше, и тоа благодарение на победата во првиот меч на свој терен со 2:1. Со пласманот на Вилјареал во финалето на Лигата на Европа, Жолтата подморница едноставно ја спаси честа на остатокот на Европа во однос на англиските клубови.

Во Лигата на шампионите за трофејот ќе играат Манчестер сити и Челзи, а во Лигата на Европа едвај беше избегнато да има нов англиски дуел за пехарот. На крајот Манчестер јунајтед и Вилјареал ќе играат во финалето, а Арсенал извиси за комплетирање на англиската доминација во европскиот фудбал сезонава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести