Ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус јуниор, одбил мегатрансфер во Саудиска Арабија. Дваесет и четиригодишниот офанзивен фудбалер добил понуда за годишна плата која повеќекратно ја надминува неговата заработка во шпанската престолнина. Тој дури требало да стане рекламно лице на саудиската лига.
Сепак, Бразилецот ја одбил можноста, при што неговите претставници соопштиле дека тој нема желба да ја напушти Европа и има долгорочни планови со Реал Мадрид.
Репрезентативецот на Бразил пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 2018 година. Има одиграно 264 натпревари и има постигнато 83 гола во сите натпреварувања за Реал. Освои три титули во Ла Лига и Суперкупот на Шпанија, двапати славеше во Лигата на шампионите, еднаш во Купот на кралот и во Суперкупот на Европа.