Винисиус јуниор моментно важи за еден од најдобрите играчи во светот, а многумина веруваат дека токму тој ќе ја освои „Златната топка“ на церемонијата што ќе се одржи за два дена во Париз. Бразилецот сака што подолго да игра во дресот на Реал Мадрид, но постои еден клуб кој му е „слаба точка“ и чиј повик не би можел да го одбие.
Винисиус јуниор веќе неколку сезони игра во врвна форма во Реал Мадрид и е еден од најзаслужните што овој тим минатата сезона ја освои Лигата на шампионите и титулата првак на Шпанија.
Реал Мадрид го доведе Винисиус како тинејџер од Фламенго во 2018 година за речиси 50 милиони евра, што се покажа како одлична одлука.
Иако имаше шпекулации дека би можел да замине во Саудиска Арабија поради астрономска понуда која ја доби пред неколку месеци, тој јасно стави до знаење дека нема намера да го напушти Реал и дека неговата цел е да остане во клубот што подолго.
Минатата година го продолжи договорот со Реал до летото 2027 година.
Сепак, Винисиус откри дека има „слаба точка“, клуб кој не би можел да го одбие доколку го повикаат.
„Мислам дека би можел да ја поминам целата кариера во Реал Мадрид, но клубот на мојот живот е Фламенго,“ рече Винисиус. „Го сакам Мадрид, моето семејство е исто така среќно овде, но ако ми се укаже можност да одиграм уште една сезона во Фламенго пред крајот на кариерата, најверојатно ќе го направам тоа“, изјави бразилскиот напаѓач.
Винисиус јуниор ја започна својата кариера во Фламенго, каде ги помина сите младински категории и одигра 69 натпревари за првиот тим пред да прејде во Реал Мадрид. И покрај тоа што има само 24 години, за Реал веќе одигра 278 натпревари, постигнувајќи 91 гол и 82 асистенции.