Бразилскиот фудбалер на Реал Мадрид се најде пред новинарите во пресрет на утрешниот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Кралскиот клуб ќе игра против градскиот ривал Атлетико Мадрид.
Ова беше прво појавување на Винисиус пред новинарите уште од доделувањето на Златната топка на 28 октомври минатата година. Токму затоа, освен очекувањата за дуелот против Атлетико, Бразилецот одговараше и на прашања поврзани со Златната топка.
„Не се чувствував предадено затоа што луѓето гласаат во тоа што веруваат. Јас имам свое мислење, моите соиграчи исто така имаат свое мислење, многу луѓе ми дадоа поддршка да продолжам да играм. Не сум ни сонувал дека може да ја освојам Златната топка, но секако дека би сакал да ја освојам. Исто така сакам да освојувам уште титули“, рече Винисиус.
Бразилецот потоа ја доби наградата The Best, но сепак останува дамка дека тој и ниту еден од Реал Мадрид не се појавија на церемонијата за доделување на Златната топка. Винисиус откри зошто не бил на церемонијата.
„Тоа беше одлука на клубот. Јас правам онака како што ќе ми кажат. Тие од мене побараа да останам во Мадрид и останав мирен“, изјави Винисиус, кој откри дека тоа не бил негов самоиницијативен бојкот.
Златната топка за 2024 година ја освои шпанскиот репрезентативец и член на Манчестер сити, Родри, иако голем фаворит беше Винисиус. Во Реал Мадрид кога дознаа дека нивниот играч не е најдобар во светот, решија да не бидат дел од церемонијата.