Најдобриот фудбалер на светот за 2024 во изборот на ФИФА, Винисиус Жуниор, цели три месеци нема постигнато гол во шпанската лига.
Овие бројки се поразителни за некој што треба да биде лидер на големиот Реал Мадрид. Откако блесна и испорача хет-трик против Осасуна на 9-ти ноември, Вини точно три месеци не дал гол на меч од Ла Лига. Следниот викенд Реал гостува кај Осасуна и тоа ќе биде прилика за Вини да покаже дека тимот од Памплона му е омилена жртва сезонава и да го прекине постот.
Во овие три месеци тој даде голови во Лигата на шампионите, во Купот на Шпанија, на Светското клупско првенство, пропушти некои мечеви поради повреда или суспензија, но три месеци без гол во првенството е премногу.
На последните пет средби (против Брест, Ваљадолид, Лас Палмас, Севиља и Жирона) без Винисиус во составот, Реал беше ефикасен, секогаш даваше барем по три гола, па многу фанови на Реал сметаат дека тимот игра подобро кога Бразилецот е на трибини.
Но, за Карло Анчелоти, Винисиус е незаменлив, прв избор за изведувач на пенали и главно лево крило, позиција на која најдобро се снаоѓаат и Мбапе и Родриго, но тие се приморани да играат на други позиции, не баш природни и не баш омилени за нив.