Визионерски потег: Бекам заработил неверојатни 500 милиони долари со потписот за ЛА Галакси и тоа поради две клаузули

Поранешниот англиски репрезентативец, Дејвид Бекам, во јануари 2007 година направи потег за кој многумина го сметаа како налудничав, но на фудалерот му донесе неверојатни 500 милиони долари и сумата се очекува да се зголемува во иднина.

Бекам тогаш одлучи да го напушти Реал Мадрид по истекот на договорот и да потпише за тимот на Лос Анџелес Галакси иако тогаш имаше 32 години и можеше да игра во најдобрите европски екипи уште неколку сезони.

Тимот од САД се пофали дека Бекам се согласил да игра за нив за 70 отсто помала плата во однос на онаа што ја заработува во Мадрид, и тогаш многумина се запрашаа дали фудбалерот полудел, но 15 години подоцна е откриено дека тој всушност донел брилијантна деловна одлука со заминувањето на САД.

Додека траеле преговорите со челниците на ЛА Галакси, Бекам инсистирал во договорот да бидат вметнати две клаузули, кои подоцна целосно го променија не само неговиот живот, туку и фудбалот во САД.

Имено, свесен што значи неговото доаѓање во МЛС лигата, Бекам инсистираше да добие процент од приходите на сите екипи што играат во лигата. Тоа вклучуваше и дел од заработката од продажба на дресови, на влезници, на спонзорски договори, дури и од продажбата на сендвичи и пиво на стадионите.

Втората клаузула исто така била визионерска, во иднина доколку Бекам посака да купи тим, тогаш МЛС лигата мора да му направи место за неговиот клуб. Исто така, уште тогаш било договорено, котизацијата за влез во МЛС лигата, само за неговиот тим да изнесува 25 милиони долари. Бекам го искористи ова правило и сега е сопственик на МЛС тимот Интер Мајами.

За тоа колку бил генијален овој потег, најдобро покажува податокот дека, Сент Луис за да биде примен во МЛС лигата плати 200 милиони долари, а Шарлот дури 325 милиони.

Според проценките на економските експерти, Бекам со потписот за ЛА Галакси во 2007 година, па досега заработил повеќе од 500 милиони долари, а бидејќи се уште е активен во лигата како сопственик и претседател на Интер Мајами, оваа сума од година во година се зголемува благодарение на првата клаузула.

- Оглас -

Најнови вести