Славниот кошаркар и член на Куќата на славните, Владе Дивац, доживеа сообраќајна несреќа на црногорското приморје откако паднал од својот мотоцикл во близина на селото Луштица.
Според очевидци, несреќата била сериозна, Дивац не можел сам да стане по падот, по што бил итно пренесен во најблиската болница. Како што пренесуваат српските медиуми, лекарите веднаш реагирале и извршиле итна операција, при што му бил вграден вештачки колк.
Дивац е добро познат на локалното население бидејќи често летува на црногорското крајбрежје. Минатата година таму беше домаќин и на својот близок пријател – легендарниот Меџик Џонсон, со кого уживаа во убавините на Бока Которска.
Поранешниот центар на ЛА лејкерс и Сакраменто кингс има импресивна кариера: почетоците му се во Слога Краљево и Партизан, а потоа и во НБА, каде што настапуваше и за Шарлот хорнетс, а кратко време и за Црвена ѕвезда за време на локаутот. Кариерата ја заврши во 2005 година, повторно со дресот на Лејкерс.
Дивац е еден од само седумтемина кошаркари во историјата на НБА со над 13.000 поени, 9.000 скокови, 3.000 асистенции и 1.500 блокади. Тој е и првиот играч надвор од САД со 1.000 натпревари во НБА. Член е на Куќата на славните на ФИБА и на Американската кошаркарска Куќа на славните.