Во Барселона ни титулите не носат спокој – Валверде виси, Галјардо чека повик

Марсело Галјардо е сериозен кандидат за нов тренер на Барселона, а шпанските медиуми најавуваат дека е можно Ернесто Валверде да биде сменет.

Иако и донесе на Барселона две едноподруго титули во Ла Лига, раководството на каталонскиот гигант не е задоволно од работата на Валверде, а причината е јасна, несупехот во Лигата на шампионите.

Барселона двапати по ред испаѓа од елитното клупско европско натпреварување на шокантен начин со високи порази на реванш мечевите против Рома и Ливерпул, иако имаше огромна предност од 3 гола по првите дуели.

Тоа е непростливо за Барселона, која во прекланското издание на ЛШ по триумфот од 4:1 дома во четвртфиналето, испадна со пораз од 0:3 во Рим против Рома.

Шокантна елиминација им се случи и лани во полуфиналниот двомеч со Ливерпул. И повторно Барса блескаше на „Камп Ноу“, победи со 3:0, но и тоа не беше доволно за финале. Црвените на „Енфилд Роуд“ ги декласираа Каталонците со 4:0 и потоа и ја освоија шампионската круна.

Валверде успева да избегне отказ, со успеси на домашната сцена, а и триумфот против Интер во второто коло во фазата по групи од ова издание на ЛШ малку ги стиша критиките.

Но, од Барселона се очекуваат трофеи и на меѓународна сцена, а се паметат двете шокантни елиминации во ЛШ, па нема да биде изненадување, ако Валверде наскоро биде сменет и заменет со Галјардо. Аргентинецот успеа со Ривер плејт да стаса до титулата во Јужноамериканската Лига на шампиони, или популарниот Копа Либертадорес, што е долична препорака.

 

- Оглас -

Најнови вести