Во далечното минато Французите беа задоволни и со тесен пораз од Австрија, сега е обратно

Франција како еден од главните фаворити на ЕВРО 2024 вечерва е голем фаворит за победа над Австријците и тоа е доказ дека времињата се имаат драстично сменето низ годините бидејќи пред околу еден век, Австрија беше многу посилна од Франција во фудбал, нешто што сега е тешко сфатливо.

Австрија имала шест победи во првите шест меѓусебни дуели против Франција и ги има елиминирано Галските петли во осминафиналето на Светското првенство во 1934 година. Тоа беше ерата на тимот на „Вундертимот“ предводен од легендарниот стручњак Хуго Мајзл.

Австријците играа исклучителен фудбал во предвоените години, а врвни резултати постигнаа благодарение на специфичната формација која во тој период беше наречена „Виенски вител“.

Французите во првите децении на минатиот век беа навикнати на порази од Австријците, главно убедливи.

Незамисливо за денешни прилики, Французите не тагуваа по нивната елиминација од Австрија во 1934 година, напротив, навивачите им приредија спектакуларен пречек во Париз, па не е чудно што четири години подоцна ја добија организацијата на Светското првенство.

Работите драстично ќе се променат по Втората светска војна, а првата значајна средба меѓу двете репрезентации беше во четвртфиналето на Европското првенство во 1960 година во Франција. Австрија минуваше низ смена на генерации, додека Французите предводени од легендарниот голгетер Жист Фонтен победија со 5-2.

Последните две средби меѓу Французите и Австријците беа во Лигата на нациите пред две години. Избраниците на Ралф Рангник пружија отпор во Виена играјќи 1-1, додека Триколорите беа многу порасположени во Париз и со 2-0 со голови на Килијан Мбапе и Оливие Жиру.

Двете репрезентации ќе ги вкрстат копјата вечерва од 21 часот во Дизелдорф на ЕВРО 2024.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести