Во драматичен меч, Франција му го зададе првиот удар на домаќинот Полска

Франција ја победи Полска со 26:24 во првиот меч од Светското ракометно првенство. Французите се меѓу главните фаворити за освојување на златниот медал, а Галските петли се и рекордери дури со шест светски титули освоени во минатото. Полска како кодомаќин на овој планетарен собир останува во игра за висок пласман, но шансата за првата победа ќе ја бара во второто коло.

Уште од почетокот на мечот се виде дека двете селекции се мотивирани и сакаат да започнат со победа. Полјаците поведоа со 4:2, но потоа следуваше серија од 4:0 на Франција, па Галските петли беа во позитива од два гола. Во продолжение на првиот дел, Франција највисоката предност ја имаше кога водеше со 12:8, а Полска до полувремето намали само на еден гол негатива (14:13).

Во второто полувреме Франција водеше со 16:14, а домаќините израмнија на 17:17 и потоа одреден период се играше погодок за погодок на двете страни, па на 11 минути до крајот беше 21:21. Тогаш дојде клучната разлика на Франција. Со серија од 3:0 стигна до 24:21 на седум минути до крајот. Искусните Французи оваа предност не ја пропуштија, па кога стигнаа до 25:22 во 58-мата минута, јасно беше кој ќе се радува на крајот.

- Оглас -

Најнови вести