Во Јувентус грмат поради ВАР скандалот на дуелот со СПАЛ

Јувентус синоќа победи на гостувањето кај СПАЛ со 2:1 и актуелниот првак ја задржа челната позиција во Серија А. Иако Старата дама беше голем фаворит, до последните секунди стравуваше за триумфот. Кристијано Роналдо погоди за 1:0, а Рамзи го удвои водството.

Сепак, СПАЛ доби пенал и намали на 2:1 за интересни последни 20-тина минути. Ситуацијата по која беше досуден пенал за домаќините беше помалку контроверзна, затоа што кога судијата побара да се консултира со ВАР системот дали одлуката е исправна, мониторот не работеше.

Арбитарот мораше преку Мотрола да се консултира со колегите во ВАР собата кои му потврдија дека е пенал. По мечот, тренерот на Јувентус, Маурисио Сари беше лут поради тој технички пропуст и потенцираше дека такво нешто да се случило во корист на гигантот од Торино, веднаш ќе имало многу реакции на штета на шампионот.

„Досуден е пенал против нас во моментите кога ВАР системот не работеше. Можам само да си замислам што се ќе се зборуваше ако таков пенал беше досуден во наша корист“, рече Сари по мечот.

Јувентус сега има 60 бодови, четири повеќе од Лацио кој попладнево гостува кај Џенова на Горан Пандев. Интер кој е трет и заостанува пет бода зад лидерот, денеска нема да игра, затоа што мечот кој требаше да биде на „Сан Сиро“ против Сампдорија е одложен поради страв од Коронавирус.

 

- Оглас -

Најнови вести