Општа мобилизација се случува во Кавадарци, а причината е едноставна. Тиквеш игра во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија. Тимот кој има речиси 100-годишна традиција е само на еден чекор од освојување на првиот голем трофеј во независна Македонија.
Воска спорт е последната препрека за кавадарчани, кои веруваат дека може да го освојат трофејот, а разврската ќе се знае вечерва, по завршување на финалето, кое ќе се игра на арената „Тодор Проески“.
Се очекува од Кавадарци во Скопје да пристигнат буквално сите оние на кои Тиквеш им значи барем нешто и сакаат да го видат нивниот омилен клуб како се радува на титулата во Купот.
Синоќа Кавадарци речиси и да не спиеше. Стотици навивачи на Тиквеш шетаа низ целиот град, навиваа, пееја, палеа факли, како најава за тоа дека секој треба да биде во Скопје на финалето и да го бодри омилениот клуб.