Кливленд кавалирс по заминувањето на Леброн Џејмс, реди порази и веќе не е магнет за публиката, па клубот на разни начини се обидува да привлече што повеќе навивачи на трибините.
За натпреварот кој се играше во четвртокот, против Бруклин нетс, на еден и пол час пред почетокот на средбата можеа да се најдат билети и по цена само од 2 долари. Ова е сума помала од таа на цената за едно шише вода која се продава во салата.
Наредниот меч на Кавалирс дома е против Индијана и засега нема билети за 2 долари (најефтините се 7 долари, но со тоа се добива и попуст во фан шопот), но којзнае, до пред самиот почеток можеби ќе се најдат и такви.
За споредба, за мечот со Денвер на новиот тим на Џејмс, ЛА лејкерс, најефтините влезници чинеа 80 долари. Лејкерс во Кливленд ќе гостува на 21-ви ноември. Тогаш сигурно ќе се бара билет повеќе и цените ќе бидат „солени“ (од 110 до 20.000 долари).
„Ефектот Леброн“ се одрази и на друго поле. Кливленд во минатата сезона го пренесуваа на 39 меча на национална телевизија во САД, а сезонава само седум пати. Од друга страна, Лејкерс 43 пати ќе оди во пренос.