Во мечот кој никој не го очекуваше: Тотенхем ќе го нападне Ајакс со негово оружје

Само уште четири клуба останаа во трката за најпрестижниот трофеј во клупска Европа, трофејот во Лигата на шампионите. Тотенхем вечерва ќе го пречека Ајакс, а Барселона утре на „Камп ноу“ ќе игра против Ливерпул, во првите полуфинални мечеви од елитното натпреварување на УЕФА.

Ако за Ливерпул и Барселона е очекувано да се меѓу најдобрите, речиси никој и да не можеше да претпостави дека Ајакс и Тотенхем ќе играат во полуфиналето, и тоа меѓусебе. За Тотенхем ова е само петто учество во елитната лига на УЕФА, а Ајакс е клуб кој сезонава го брка петтиот трофеј во најсилното натпреварување во Европа.

ИГРАЛЕ САМО ДВАПАТИ И ТОТЕНХЕМ ВО ДВАТА МЕЧА СЕ РАДУВАЛ

Иако се работи за клубови со голема клупска традиција, во европски рамки досега се сретнале само двапати. Тоа се случи пред 38 години, во 16-финалето од Купот на куп-победниците. На првиот меч во Амстердам, Тотенхем победи со 3-1, а 14 дена подоцна лондонскиот тим на свој терен повторно даде три гола и славеше со 3-0 за вкупни 6-1.

Кога се работи за дуели против холандски екипи, Тотенхем вкупно на 17 меча има биланс од 9 победи, 5 нерешени и три порази, со вкупна гол-разлика од 31 даден и 18 примени погодоци. На свој терен, Тотенхем против Холанѓани има 4 победи, 2 ремија и само еден пораз.

Ајакс со англиски екипи се сретнал вкупно 22 пати и има 7 победи, 7 ремија и 8 порази (24:28 вкупна гол-разлика). На 11 гостувања на англиско тло, гигантот од Амстердам има само две победи, 5 ремија и 4 порази.

ТОТЕНХЕМ СО УСПЕХ КАКО ПРЕД 57 ГОДИНИ

Тотенхем важи за клуб кој едноставно не знае како се освојуваат пехари. Само двапати бил првак на Англија, и тоа во 1951 и 1961 година, а во 1962 година стигна до најголемиот успех во Европа откако се пласираше во полуфиналето од тогашниот Куп на европските шампиони. Тогаш лондончани беа елиминирани од Бенфика (пораз од 3-1 и победа од 2-1). На крајот, таа сезона Бенфика стана европски првак.

Ајакс е клуб со многу поголема историја и успеси од Тотенхем, но повеќе од две децении и гигантот од Амстердам беше „заспан“ во европски рамки.

ЛОНДОНЧАНИ НА АЈАКС МУ ПЛАТИЈА 82 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИГРАЧИ КОИ СЕГА СЕ НИВНИ АДУТИ

Ајакс важи за клуб кој ја има една од најдобрите фудбалски школи во Европа. Од овој клуб се појавиле голем број ѕвезди во светски рамки. И оваа сезона политиката на Ајакс беше да игра со млади и недокажани, но талентирани играчи. Тоа им се исплати и летоска сигурно добро ќе заработат од продажба на најголемите ѕвезди. Дел од играчите веќе најдоа нов клуб.

Во изминативе пет години, меѓу оние клубови кои пазареа во Ајакс беше и Тотенхем. Дури четворица играчи кои го носеа дресот на Ајакс, сега се во Тотенхем и се адут на лондончани. Кристијан Ериксен, Тоби Алдервејрелд, Јан Вертонген и Давинсон Санчес се играчите за кои Тотенхем плати вкупно 82 милиони евра на Ајакс во оваа половина декада.

АЈАКС ПОСТАВИ НЕВИДЕН РЕКОРД

Патот на Ајакс до полуфиналето во ЛШ тргна уште во второто квалификациско коло за пласман во групната фаза. Досега никогаш во историјата не се случило еден клуб кој толку рано започнал со настапите во ЛШ, да игра во полуфинале. „Копјаниците“ се во една неверојатна серија и во последните 18 меча во елитното натпреварување имаат само еден пораз.

Загубија само од Реал Мадрид дома, а во останатите 17 средби имаа девет победи и седум ремија. Што е поинтересно, Ајакс на гости во ЛШ нема пораз на последните девет меча (четири победи и пет ремија). Ова покажува колку ќе биде тешко и неизвесно вечерва во Лондон.

ТОТЕНХЕМ – АЈАКС (21 ч.)

Стадион: „Тотенхем стадион“, во Лондон.

Судија: Антонио Матеу Лахос од Шпанија

Можни состави:

Тотенхем (3-4-1-2): Лорис, Алдервејрелд, Санчес, Вертонген, Трипие, Ериксен, Ванјама, Роуз, Али, Љоренте, Мура.

Ајакс (4-3-3): Онана, Мазраоуи, Де Лихт, Блинд, Талјафико, Ван де Бек, Шене, Де Јонг, Зијеч, Тадиќ, Нерес.

 

- Оглас -

Најнови вести