Во Милан жалат по дербито со Јуве: Го одигравме најдобриот меч годинава, а загубивме

Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо е разочаран по поразот на неговиот тим во дербито од Јувентус. Гатузо вели дека неговиот тим го одиграл најдобриот натпревар сезонава, но сепак бил поразен. „Росонерите“ имаа водство на полувремето во Торино, а италијанскиот првак во вториот дел направи пресврт за радост на домашните навивачи на стадионот.

„Ова беше нашиот најдобар меч одигран во 2019 година. Загубивме поради наши грешки направени во последните 20 минути. Јувентус е тим кој едноставно знае да искористи такви грешки“, рече Гатузо, кој не сакаше да го коментира судењето велејќи дека такви работи се случуваат во фудбалот.

Јувентус израмни со погодок од пенал, а потоа Милан бараше да има најстрога казна во нивна корист, но судијата не покажа на белата точка. Старата дама веќе може да започне да го слави новото Скудето, бидејќи Јувентус е незадржлив и нема шанси никој да го стигне до крајот на сезоната.

„Во првото полувреме бевме малку хаотични, но во вториот дел ја подобривме играта. Ова е важна победа. Секогаш е посебен момент кога се победува Милан“, рече тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

 

- Оглас -

Најнови вести